Болоња на гостински терен одигра нерешено со Фросиноне (0:0) и продолжува да се бори за пласман во Лигата на шампионите следната година.

Домаќините имаа две ветувачки прилики во првото полувреме по кои можеа да дојдат до водство, но одличниот голман на Болоња, Лукас Скорупски не им го дозволи тоа.

Тесен и цврст фудбал се играше во второто полувреме на двете страни.

Одлична шанса за Фросиноне имаше Надир Зортеа во 70-тата минута, тој одлично ја зафати нафрлената топка и силно биеше, но топката заврши само милиментри над пречката.

Нововлезениот во редовите на Болоња, Сантијаго Кастро, одлично се снајде во шестнаесетникот и биеше кон голот, но голманот на Фросиноне, Стефано Турати, го „прочита“ ударот и лесно интервенираше.

И покрај ова реми, Болоња останува четврта на табелата со 58 освоени бодови, три повеќе од Рома и само еден помалку од третопласираниот Јувентус кој има и натпревар помалку.