Ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер остварија важна победа во одбраната на шампионската титула на гостувањето во Кавадарци каде во дуелот од 5.коло од Супер лигата плеј оф го победија ГРК Тиквеш со 24:21 (13:10).

Со овој триумф ја продолжија серијата победи во меѓусебните дуели. Домашниот тим натпреварот го одигра без повредениот Страхиња Симиќ што се покажа како голем хендикеп, додека Ани Обиина се повреди во првиот дел.

Домашниот тим имаше само едно водство 1:0, а битолчани водеа во преостанатиот дел од дуелот. Во неколку наврати кавадарчани намалија и на еден негатива, но немаа можност и реализација за нерешен резултат. Еурофарм Пелистер поведе со 11:7 во финишот на првиот дел.

И во вториот дел ракометарите на ГРК Тиквеш намалија на еден негатива последен пат во последните пет минути 20:21, но поради нивните грешки и брзоплетоста (шутеви на празен гол) не успеаја да стигнат до изедначување.

Најефикасен на дуелот беше Богдан Радивојевиќ од Е. Пелистер со 7 голови, додека кај ГРК Тиквеш најпрецизни беа Кристијан Анастасовски и Срѓан Мијатовиќ со по 5 голови.

Резултати на другите дуели од плејофот одиграни денеска: Пролет – Охрид 28:32 и Струга – Бутел 13:20. Утре од 18:30 часот се игра дербито меѓу Алкалоид и Вардар.

Во плејаут лигата во дербито МРК Куманово и Прилеп одиграа нерешено 26:26, додека Вардар Неготино постигна минимална победа над Голден Арт со 27:26. Утре играат Еурофарм Пелистер 2 против Скопје 2020, додека слободна беше екипата на Мулти Есенс.

Табела плејоф: Еурофарм Пелистер 17 бодови, Охрид 14, Алкалоид 12, Тиквеш 10, Вардар 9, Бутел 4, Пролет 3, Струга 0.

Табела плејаут: Прилеп 15, Вардар Неготино 12, МРК Куманово 11, Е. Пелистер 2 9, Мулти Есенс 7, Голден Арт 6, Скопје 2020 3.