Голема борба и неизвесен дуел одиграа ракометарите на Мулти Есенс и Вардар Неготино. На крајот победа од 27:25 славеа гостите кои знаеја да ги казнат грешките на младите ракометари од Автокоманда.

Ова беше дуел од 2.коло од Супер лигата плејаут.

Мулти Есенс подобро го почна дуелот со водство од 3:0 и тајм аут на гостинскиот тренер Котевски. Гостите се консолидираа и поведоа, но повторно М.Есенс имаше серија од 3-0 за водство кое го одржуваше до 25.минута. Но, потоа гостите ги казнија грешките на домашните играчи и со серија од 4-0 на полувреме водеа со 15:13.

„Го бркаа“ водството ракометарите на Мулти Есенс речиси 20-тина минути, за по серија од 4-0 од кои три голови постигна Костовски изедначија на 21:21. Искусните ракометари од Неготино предводени од интернационалците Адамовиќ и Бугариновиќ сепак се изборија за конечна победа.

Токму тие двајцата беа и најефикасни на натпреварот со по 7 голови. Посебен белег остави голманот Александар Мицев со 15 одбрани.

Кај Мулти Есенс Омерагиќ и Костовски постигнаа по 5 голови.