Еуро Никел и Чаир ќе излезат на мегдан во четвртфиналето од кошаркарскиот Куп на Македонија.
Два тима што важат за пријатни изненадувања оваа сезона и се очекува жестока битка за пласман во полуфиналето.
Тренерот на кавадарчани верува дека и покрај двата тесни порази со МЗТ Скопје и со Работнички, неговиот тим ќе се врати на победнички патеки токму за куп-завршницата.
„Доаѓаме период откако за пет дена одигравме два интересни дуела. Во претстојниот период сме фокусирани само на дуелот со Чаир, можам да кажам дека имаме максимален респект кон противникот, знаеме дека имаат претрпено играчки промени во однос на првиот меѓусебен дуел. И тие исто како и ние имаме своја математика, ни останува да се претставиме во најдобро светло “, изјави тренерот на Еуро Никел, Тодор Манев.
Во таборот на Чаир владее оптимизам дека ќе успеат да остварат најмалку една победа.
„Сосема заслужено сме дел од ова натпреварување. Еуро Никел е тим што го респектираме, тие се единствениот тим што успеа да слави против нас во Чаир. Ги увидовме грешките од тој меч, добро ќе се подготвиме, се наоѓаме во добра форма од три победи по ред и верувам дека ќе одиграме добар меч“, прокоментира стратегот на Чаир, Ерхан Рамадан.
Дуелот меѓу Еуро Никел и Чаир ќе биде натпревар број два на првиот дел од завршниот турнир. Овој натпревар ќе се игра во терминот од 14.30 часот.