Некогаш „убиствениот“ тандем на Барселона, Лионел Меси и Луис Суарез потсетија на најдобрите свои денови, кога играа во дресот на каталонскиот тим.
Фудбалските асови постигнаа голови за својот клуб Интер Мајами во пријателскиот натпревар со саудискиот Ал Хилал.
Мечот одигран во Ријад како дел од подготовките за новата сезона во МСЛ лигата, заврши со победа на Ал Хилал со 4-3.
Уште во првиот дел љубителите на фудбалот видоа четири гола. Серијата ја отвори Србинот, Митровиќ во 10-тата, а веќе во 13-тата минута Ал Хамдан зголеми на 2-0 за домаќините. Луис Суарез се запиша во листата на стрелци во 34.минута намалувајќи на 1-2. Сепак со голот на Бразилецот, Мичел (44) арапскиот тим на полувреме пак имаше два гола предност (3-1).
По само девет минути игра во вториот дел беше досуден пенал за Мајами. Сигурен реализатор беше Меси кој минута подоцна му асистираше на Руиз за израмнување на 3-3.
Суарез во 73-тата минута беше сам пред домашниот голман, но неговиот удар беше одбранет. Затоа на спротивната страна во 88-минута Бразилецот, Малком беше прецизен и му донесе триумф на домашниот тим со 4-3.
Американскиот тим на турнејата во Саудиска Арабија ќе одигра уште еден натпревар.
На 1 февруари закажан е дуелот против Ал Наср. Тоа ќе биде добра можност, одново по подолг период еден наспроти друг да ги видиме Меси и Кристијано Роналдо.