Младата женска репрезентација на Македонија за одбојкарки до 18 години го претрпе вториот пораз во квалификациите за Европското првенство.

Во натпреварот од 2.коло на „А“ групата на турнирот во Софија, Македонија е поразена со 0:3.

Уште во раната фаза на првиот сет Србинките се одлепија и поведоа со 7-1. Македонските одбојкарки успеаја за миг да се вратат во игра и да намалат на 7-10. Сепак во продолжението Србинките одиграа многу подобро и го добија сетот со 25-13.

Иста слика и во вториот сет кој противничките го отворија со 4-0. Континуирано Србинките ја зголемуваа предноста, па и тој сет го добија со идентични 25-13.

Македонските одбојкарки најдобро го одиграа третиот сет. Во првата половина во неколку наврати имаа и по два поени разлика. Беа рамноправни со 11-11, по што противничките направија серија со 6-1 и поведоа со 17-12. Немаа сили црвено-жолтите за се вратат во игра па го загубија и тој сет со 25-16.

Со овој пораз македонските одбојкарки и дефинитивно ги загубија шансите за едно од двете места што водат во полуфиналето. Со самото тоа тие го завршија и настапот во квалификациите, во кои во втората фаза ќе продолжат четирите најдобро рангирани.