Машката македонска ракометна репрезентација петти ден е во Стара Пазова. Таму нашите ракометари го одработуваат првиот дел од подготовките за Европскиот шампионат.
Од завчера на останатите во тимот им се приклучи и левиот бек Филип Талевски, кој е еден од поискусните во националниот тим.
Талевски верува дека и покрај тешката група во која ќе игра Македонија, нашата селекција ќе се прикаже во добро светло.
„Среќен сум што сме сите заедно. Ме пречекаа убаво, се чувствувам како дома. Со ваква атмосфера и со новитетите кои што ги подготви селекторот имаме големо шанси да се покажеме во вистинско светло.
Имаме една најтешка група што можеше да ја добиеме на ова Европско првенство, меѓутоа за нас тоа е еден предизвик.
Првенството ќе го отвориме против Франција, селекција која што на секој собир го напаѓа златниот медал. Тоа ќе биде мотив плус за нас. Не треба да имаме голем притисок, треба да уживаме, бидејќи можеби никогаш во животот нема да имаме таква шанса да играме пред 55.000 гледачи на стадион“,
вели Талевски.