Јужноамерикански шампион Флуминенсе е првиот финалист на Светското клупско првенство.
Во првото полуфинале на првенството што се одржува во Саудиска Арабија, бразилскиот тим со 2-0 го совлада африканскиот првак Ал Ахли.
Головите беа постигнати во второто полувреме. Во 70-тата минута Марсело беше соборен во шеснаесетникот на Ал Ахли по што беше досуден пенал. Ариас беше сигурен реализатор за водство на Флиминенсе од 1-0.
Египетскиот тим се обидуваше да стигне до израмнување. Тоа им отвори простор на противниците кои по брзата контра преку Џон Кенеди во последната минута ја заверија победата.
Кој ќе биде противник на Флуминенсе во финалето закажано за во петок ќе дознаеме утре.
Имено, за утре (19 часот) е закажан вториот полуфинален меч во кој европскиот првак Манчестер Сити ќе игра против јапонската екипа Урава.