Трофејниот македонски стратег и легендарен македонски репрезентативец Гоце Седлоски е нов шеф на стручниот штаб на ФК Работнички.

Тој потпиша договор на 18 месеци и ќе има мисија да го врати нашиот клуб на шампионските патеки.

„Чест ми е што доаѓам во ФК Работнички, клуб со голема традиција и реноме во македонскиот фудбал, поранешен шампион и освојувач на Купот. Би сакал да се заблагодарам на новото раководство на клубот за укажаната доверба, ја сфаќам како сериозна обврска и ќе се вложам максимално за да ги оствариме целите што заедно ги зацртавме. Веруваме дека овој проект на крајот ќе донесе многу радости и трофеи во ФК Работнички.

Мојот начин на работа кој носеше титули ќе се потрудам да го наметнам и овде. Ред, работа, дисциплина и верба во сопствените квалитети се принципите што секогаш и секаде ги носам со себе и верувам дека ќе ги воспоставиме и во тимот на Работнички.

Има голем потенцијал во овој тим, а верувам дека со уште неколку засилувања ќе изградиме колектив со кој ќе се гордееме“, вели новиот шеф на стручниот штаб на Работнички, Гоце Седлоски.

Ангажманот на Седлоски ја отсликува и решеноста на новото раководство, да го врати Работнички во самиот врв на македонскиот фудбал.

„Работнички е еден од најреномираните македонски фудбалски брендови, име кое е сериозно препознатливо и во Европа, а Гоце Седлоски е фудбалска величина и тренер кој сигурно ќе помогне да се врати шампионскиот дух во клубот од Дебар Маало.

Му посакуваме сѐ најдобро, ќе ја има нашата максимална поддршка и се надеваме дека многу брзо ФК Работнички ќе биде на позициите кои ги заслужува“,

изјави новиот директор на клубот, Сенад Муминовиќ.

Гоце Седлоски со својот стручен штаб утре ќе го одржи и првиот тренинг со тимот. Во недела, Работнички ќе одигра пријателски натпревар со Башкими во Куманово.