Македонската кошарка остана без уште едно свое големо име.

На 77 години во Нови Сад, каде што живееше во последно време, почина Јанко Луковски.

Најголем дел од играчката кариера ја помина како играч на Работнички. Две сезони играше и за МЗТ Скопје. Јанко беше член и на јуниорската и „Б“ репрезентацијата на Југославија.

По завршувањето на играчката кариера продолжи да работи во кошарката, како тренер. Уште додека беше играч на популарните „металци“ од Скопје, две години паралелно работеше и како тренер на јуниорите.

Во првата сезона како професионален тренер го внесе Борец од Велес во првата „Б“ лига (1980 година). После таа успешна година во Борец, станува тренер во клубот во кој помина најголем дел од својата кариера КК Работнички.

Ги водеше „црвено-белите“ од „Градски парк“ во два наврати, ги донесе во првата „А“ лига на СФРЈ и еднаш во финалето на националниот Куп на Југославија (1983) каде загуби од загрепска Цибона.

Во периодот од 1982 до 1986 година ги предводеше младите селекции на Југославија, и тоа кадетската. Во онаа „Под 21“ година, каде тренираше играчи како Дражен Петровиќ, Здовц, Паспаљ, Пецарски, Цветичанин, Перасовиќ, Сретеновиќ и други.

Во 1985 година, го презема Спартак, и за неполни три години ги постави темелите на новиот прволигаш од Суботица.

Патот го однесе и во Бачка Топола, а потоа уште еднаш не можеше да го одбие повикот од неговиот Работнички.

Во 1991 година повторно седнува на клупата на нашиот најтрофеен кошаркарски колектив, со кого стигна и до најголемиот успех. Го освои 3.место во Првата „А“ лига, веднаш зад великаните Партизан и Црвена Ѕвезда, и влезе во големото финале на Купот на Југославија.

Во 1992 година го презема Профиколор од Панчево, кого после квалификациите, го воведува во најквалитетната југословенска лига. Во 1994 година, со младиот тим на Војводина од Нови Сад, во кој беа Драган Луковски, Болиќ, Станојевиќ, го зазема петтото место во силната конкуренција. Подоцна ги водеше и Боровица од Рума, уште еднаш Војводина, но и Ибон од Никшиќ.

Во 2003 година ја основа школата за кошарка „Спорт Ки“ во Нови Сад во која работеше заедно со синовите Драган и Нино Луковски.

Нека му е вечна слава!