Поради настапот на македонските претставници во ЕХФ Европската лига, Ѓорче Петров и Чаир, викендов во женската ракометна Супер лига ќе се одиграат пет натпревари.

На програмата за денес е закажан еден натпревар. Во него екипата на Вардар ќе го пречекаат тимот на Овче Поле СУ, a натпреварот ќе се одигра во спортската сала ,,Круме Кепески”.

Заменик капитенката на црвено-црните, Андреа Илиќ очекува добра игра на својот тим и победа.

„Добро познат противник. Ние максимално се подготвуваме и го анализираме тимот на
Овче Поле СУ, а наша цел е да ја продолжиме победничката серија.

Имаме изменет ‘ростер’ од претходната сезона, но и оваа екипа има свој квалитет. Продолжуваме со напорна работа и добра подготовка за секој натпревар.

Како и претходните сезони, така и оваа целиме на висок пласман во двете натпреварувања“, вели вардаровата голманка Илиќ.

Во недела ќе се одиграат четири натпревари.

Астибо игра против екипата на Гевгелија, Шампион ќе се соочи со тимот на Куманово и Спартак против Деспина .

Во последниот натпревар за овој викенд екипата на Скопје гостува во Битола, кај Пелистер.

СУПЕР ЛИГА– 3.КОЛО – ЖЕНИ
сабота
17:00  ВАРДАР – ОВЧЕ ПОЛЕ СУ
недела
12:00  AСТИБО – ГЕВГЕЛИЈА
13:00  ШАМПИОН – КУМАНОВО
13:00  СПАРТАК –  ДЕСПИНА
17.00 ПЕЛИСТЕР – СКОПЈЕ

Ивона Кимовска