На неколку часа пред првиот натпревар во новата сезона, КК Работнички на го претстави новиот Спортскиот директор.

Станува збор за македонската легенда Тодор Гечевски, кој се враќа во мак-баскетот. Кавадарчанецот, извесен период беше надвор од случувањата, а претходно ја извршуваше истата функција во федерацијата.

Ова е враќање на Гечевски во таборот на Работнички во кој веќе ја извршуваше истата функција.

На денешната прес-конференција, тој ги презентира очекувањата на „црвено-белите“, како во домашните натпреварувања, така и на меѓународна сцена.

По неколкугодишна пауза, тимот од Центар сезонава ќе игра во квалификациите за ФИБА Евро куп.

„Оваа сезона имаме посериозна екипа, неколку нови засилувања. Домашниот терен и квалитетот со кој располагаме ни дава за право да се надеваме на прво место во претстојните квалификации, иако постои можност и како второпласирани во групата, да продолжиме во меѓународните натпревари.

Мислам дека сме добро подготвени. Екипата е направена порано за да има време за воигрување.

Четириесетина дена сме во тренажен процес. Размислуваме за сериозни успеси и верувам дека со нашите навивачи можеме да го постигнеме тоа. Одиме натпревар по натпревар.

Со стабилниот буџет и поддршката од двата големи спонзори општината Центар и МТЕЛ мислам дека можеме до успеси“, истакна Гечевски.

Работнички во понеделник ги почнува настапите во ФИБА Еврокупот и тоа на домашен терен во Скопје.

„Имаме подобра екипа од лани и со тоа амбициите се поголеми.

Хемијата во тимот ја градиме цел месец. Сите заедно се стремиме кон врвот и очекувам да ги оствариме нашите цели“, изјави Андреј Шошкиќ.

Квалификациите за ФИБА Евро купот ќе се играа во СРЦ „Кале“ во Скопје од 2 – 5 октомвври.

Работнички денес од 18 часот против ТФТ го игра натпреварот од 1. коло во македонското првенство