Целта е избегнување на можност за корупција

Откако вчера македонската спортска јавност ја фати паника околу „спортскиот денар“ денеска појаснување доаѓа од Агенцијата за млади и спорт. 

Собранието го укина делот од финансискиот закон поврзан со така-наречениот „спортски ваучер“. 

Но, како што објасни и министерот за финансии, со оваа одлука не се укинува поддршката за спортот од државата. 

Напротив. Целта е „спортскиот денар“ да стигне токму до спортистите, а не како што тоа беше случај досега, разно-разни посредници на незаконит начин да профитираат.

Соопштението до јавноста, на Агенцијата за млади и спорт ви го пренесуваме во целост.

Почитувана спортска јавност,
Агенцијата за млади и спорт во врска со измените во Законот за данок на добивка кој се однесуваат на даночно ослободување за националните спортски федерации, спортски клубови и активните спортисти, ве известува дека со овие измени не се укинуваат спортските ваучери, туку се менува единствено начинот на реализација на спортските ваучери, и како што беше претходно најавено, државата директно ќе ги исплаќа средствата на спортските субјекти кои ќе имаат право на спортски ваучер.
Агенцијата за млади и спорт во координација со Министерството за правда, го имаат подготвено новото предлог законско решение со кои ќе се уреди новиот начин на реализација на спортскиот ваучер и истиот е во фаза на усогласување со надлежните институции за да се овозможи отпочнување на собраниска процедура за новите предлог законски измени.
Поддршката во спортот со спортскиот ваучер ќе продолжи, оваа мерка со новиот начин ќе се унапреди, и сите кои имаа потешкотии од било кои причини при реализација на спортскиот ваучер, тој проблем веќе ќе го немаат.
Злоупотребите од нечесните компании кои бараа услуги за реализација на спортскиот ваучер, ќе престанат и сите средства ќе се користат за унапредување на спортот и за потребите на спортистите.

Она што сепак, АМС и Министерството за финансии мора да го сторат е контролата на потрошените пари. 

Универзитетскиот професор Иван Анастасовски, во својата колумна за СПОРТ +, веќе пишуваше за тоа. 

Но, доколку сакаме „спортскиот денар“ да ја оствари целта, да донесе и врвни резултати, тогаш мора да се подигнат и критериумите по кои ќе се доделуваат средствата.