Дербито на македонското ракометно првенство односно „пресметката на лутите ривали“ меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 19:45 часот.

Ова е дуел од првото коло од Б групата, но поради обврските на битолчани во Лигата на шампионите во договор на двата клуба беше решено овој натпревар да се игра денеска, иако другите екипи ги играат дуелите од втората рунда.

Шампионот Еурофарм Пелистер секако ќе бара „одмазда“ за поразот од големиот противник во Супер купот во Струмица (Вардар победи 30:26) и да им покаже на своите навивачи дека тоа беше само еден лош ден на шампионот.

За домаќинот на денешниот дуел Вардар победата е императив за посигурна продолжение на лигашките натпревари и пред се психолошка предност во следните натпревари со првакот.

Покрај овој дуел денеска се игра и дербито од А групата во Охрид кај амбициозниот домаќин ГРК Охрид гостува Алкалоид (почеток 18:30 часот).

Од оваа група попладнево се игра и дуелот Еурофарм Пелистер 2 – Скопје, додека вчера се одиграа два натпревара: Аеродром – Тиквеш 29:39 и Струга – МРК Куманово 30:26.

Во групата Б денеска играат Пролет 62 – Прилеп, а вчера се одигра дуелот Вардар Неготино – Голден Арт 24:26. Вардар во средата го победи Бутел со 24:21, додека натпреварот Е.Пелистер – Мулти Есенс се игра на 22.септември.

ВО ЖИВО | ВАРДАР – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР