Младата репрезентација на Македонија до 19 години успеа да забележи минимална, но сосема заслуженa победа над соодветната селекција на Грузија, во рамките на вториот контролен натпревар одигран помеѓу овие две селекции.
Контролниот меч беше одигран на тренинг центарот „Петар Милошевски”, во Скопје. Нашите млади фудбалери одиграа квалитетен натпревар, многу подобар во однос на првата контролна пресметка помеѓу овие две селекции.
Во првите 45 минути двете репрезентации одиграа тврд натпревар, со голема претпазливост и тактичка борба на средината на теренот.
Во продолжението, избраниците на селекторот Тони Јакимовски го засилија темпото, наметнаа своја иницијатива и беа многу порешителни во нападот за разлика од нашиот противник.
Одлична можност во 55. минута од натпреварот имаше Назифи, но неговиот удар фантастично беше одбранет од страна на гостинскиот голман.
Подобрата игра ја крунисавме со погодок во 66. минута од мечот. Стрелец на водечкиот и единствениот гол на средбата беше Данев, кој на одличен начин го искористи доброто додавање на Назифи.
Во 67.минута гостите добија пенал, но Јакимов беше на висина на задачата, успевајќи да го скроти ударот од 11 метри.
Во последната минута од натпреварот, Митров имаше добра прилика, но неговиот удар заврши над противничкиот гол.