Младата машка репрезентација на Македонија ја оствари и третата победа на СП за ракометари до 19 години, во Хрватска.
Во дуелот од третата осмина-финална група, Македонија ја победи Австрија со 29-22.
Австријците беа рамноправен противник до 19.минута кога на семафорот стоеше 9-8 за Македонија. Избраниците на селекторот Стојановиќ до крајот не примија ниту еден, а постигнаа пет гола и на одмор заминаа со предност од 14-8.
Во вториот дел рутинирано ја одржуваа предноста и на крајот заслужено се радуваа на победата.
Во нашата репрезентација по шест гола постигнаа Мирче Калаџиески и Ненад Белистојановски, а со еден помалку заврши Давид Димевски. Стрелци на по 4 гола беа, Дамјан Субашевски и Марио Стојановски.
Со оваа победа македонските младинци ги обезбедија 3-место во осмина-финалната група, а во продолжението на Мундијалот ќе разигруваат за пласман од 9 до 12 место.
Утре се слободен ден на првенството. Во среда македонските младинци во Копривница од 20 часот ќе го играат натпреварот против трето пласираната селекција од група 1, Унгарија.