На Светското првенство за ракометари до 19 години во Хрватска денеска е слободен ден.
Македонската репрезентација со двете победи над Црна Гора и Грузија, обезбеди место меѓу 16-те најдобри на шампионатот.
„Успех за нас беше и é секоја победа која нé донесе во Топ-16 светски ракометни репрезентации до 19 години.
Задоволни сме со влезот во Топ 16 и овој голем напредок на оваа генерација иако бевме аутсајдери во групата, кое се гледа од распоредот и 3-тото коло резервирано за фаворитите.
Минатата година бевме Б дивизија, оваа година сме помеѓу 16-те најдобри репрезентации во светот, што го потврдува напредокот.“, вели за СПОРТ+, селекторот Радослав Стојановиќ.
На изминатите три натпревари, во кои остваривме две победи, а можевме да пренесеме и бод, доколку не беа судиските неправди од дуелот со Норвешка.
„Сметам дека на претходните натпревари покажавме голема борбеност и добар ракомет, увидовме дека овој тип на натпреварувања (присуство на европски и светски првенства) е значаен за играчите да добијат искуство плус.
Сонувавме за нешто повеќе и бевме многу блиску на натпреварот со Норвешка, и доколку тука имавме позитивен резултат можеби ќе бевме и скалило погоре. Сега без бодови во наредна група е потешко, лично за мене Данска е кандидат за еден од медалите, а играме прв натпревар со нив“,
анализира селекторот Стојановиќ.
Македонија во третата осмина-финална група, ќе влезе без бодови како и Австрија, додека Данска и Норвешка ќе пренесат по два бода.
„Ќе пробаме на најдобар можен начин да ја повториме играта од натпреварот со Норвешка. Ние до сега играме само со европски екипи таква ни беше ждрепката и на секој натпревар мора да бидеме на едно високо ниво.
Голем успех на оваа генерација за нас како стручен штаб е тоа што за не повеќе од една година од Б дивизија се вративме во топ 16 репрезентации во светот, а таргет треба да ни биде наредното Европско првенство во Словенија, за тоа што тука добар пласман ни носи директно учество пак на светско и европско првенство. Голема благодарност до РФМ, до сите што дојдоа во Ријека да нé подржат, и до сите инволвирани за овој успех“,
заклучува Стојановиќ, во изјавата за СПОРТ+.
Утринава е направена и анализа на првиот противник Данска, против која младите македонски ракометари ќе играат утре од 17.30 часот.
Во истиот термин (17.30 часот) во вторник следува дуелот со Австрија.
Двете првопласирани селекции од осмина-финалните групи, ќе обезбедат пласман во четвртфиналето.