Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија е поразена од Полска во контролен натпревар одигран во Белград. Полјаците беа подобар тим во сите четири периоди (28-25, 27-21, 19-16 и 23-19), за на крајот да слават со 97:81.
Ти-Џеј Шортс со 18 поени, беше нашиот најефикасен кошаркар. Стојан Ѓуроски постигна 15, а капитенот Војдан Стојановски додаде 13.поени
Овој како и утрешниот натпревар, се дел од подготовките за двете селекции, за пред-квалификациите за Олимпијадата во Париз следната година.
По натпреварот селекторот Александар Јончевски ги сумираше впечатоците по првата „контрола“.
„Ова беше прв меч за нас. Имавме само неколку дена за да се подготвиме и да одиграме ‘пет на пет’ за разлика од Полска која се подготвува подолго време и неодамна се соочи и со репрезентацијата на Србија. Имавме добра енергија и бевме рамноправни во делови од натпреварот. Но, имаше неколку моменти од кои се плашевме и истите се покажаа како најголем хендикеп во нашата игра, а тоа е скок играта.
Мислам дека функционираме задоволително и очекувам уште поголем напредок во следниот период. Се надевам дека дел од деталите ќе успееме да поправиме за вториот меч со Полска.
Позитивно од овој натпревар е тоа што момците имаа желба за надигрување иако на физички план можам да кажам дека бевме инфериорни на скоро секоја позиција. Тоа им го предочив на момците и на полувремето, дека противникот отскокнува од нас на тоа поле. Ги замолив, да се обидат да прикажат поголема борбеност, за да одговориме соодветно на репрезентација од ваков ранг“,
изјави Јончевски по натпреварот.
По кратко време за одмор, утре на пладне (12 часот), на истото место ќе се игра и вториот натпревар.
По него нашата репрезентација се враќа во Скопје каде ќе ги одработи завршните подготовки, пред заминувањето за Естонија, планирано за 10 август.