Младинска репрезентација на Македонија е во Хрватска, каде утре го започнува настапот на Светското првенство за ракометари до 19 години.
Голман Иван Галевски верува дека сите ќе го дадат максимумот за да се пласираат во втората фаза, што би било голем успех.
„Ние сами се пласиравме на ова Светско првенство, со освојување на Б шампионатот минатата година во Летонија. Ќе ни недостасува Димиртар Узинчев кој се повреди. Затоа ние ќе дадеме 100% на секој натпревар, ќе вложиме максимум, па се надеваме дека ќе минеме во втората фаза“, вели Галевски.
Прв предизвик за нашите ракометари се нивните врсници од Норвешка, селекција која секогаш важи за еден од фаворитите за највисок пласман.
„Знаеме што не чека. Норвешка е многу силна репрезентација, како во сениорската така и во младинските селекции, тие имаат одлична школа. Ние ќе дадеме се што можеме и да обезбедиме позитивен резултат, па да одиме во второто коло“, додава голманот на Алкалоид.
Премиерниот натпреварот на Мундијалот против Норвежаните, македонските младинци ќе го играат утре со почеток од 17.30 часот.
По Норвежаните, ќе следуваат дуелите со Црна Гора и Грузија (четврток и петок).
Инаку за прв пак овој шампионатот ќе брои вкупно 32 селекции. Двете прво пласираните селекции од групите ќе играат во главната фаза, а 3-то и 4-то рангираните во така-наречениот „Претзидент куп“
Сите актуелности, ќе можете да ги следите овде, а воедно и да ги гледате ВО ЖИВО нивните натпревари.