Екипата на Алкалоид која во својата дебитантска сезона во Супер лигата стигна дири до приматот вице-првак, ги претстави првите засилувања.

Алкалоид кој ќе се натпреварува и во Европската лига, ќе има четворица нови ракометари во составот.

Нови играчи се репрезентативецот на Македонија, десниот бек Мартин Велковски, младиот пикер Стефан Стојчевиќ, а за првпат во екипата ќе има и интернационалци. Тоа се левото крило Арно Бинго од Франција и голманот од Куба Алехандро Ромеро.

Арно Бинго играчки ќе биде најискусното име во екипата кога станува збор за неговата биографија. Бинго, кој има 35 години, е поранешен репрезентативец на Франција Во текот на кариерата настапувал за португалските екипи Бенфика и Спортинг, како и за француските Трембле и Монпелје.

Алехандро Ромеро е вториот странски ракометар. Голманот роден во 1994 година, а стоеше меѓу стативите на Екс Провaнс, во чии редови имаше завиден процент на одбрани. Кубанецот бранеше и за Понто Комбо од Франција, за шведскиот клуб Онередс Аристика и за Порто од Португалија.

Мартин Велковски е 26-годишен десен бек кој доаѓа од тимот на РК Е. Пелистер, а претходно настапуваше за РК Металург.  Велковски има настапувано за македонската репрезентација на ЕП во Хрватска во 2018, на ЕП во Австрија во 2020, на СП во Египет во 2021 и на ЕП во Унгарија во 2022.

Стефан Стојчевиќ е пивот кој има 20 години, висок е 207 сантиметри, а доаѓа од РК Бутел Скопје. Важи за голем ракометен потенцијал, кој ќе добие одлична можност за развој во нашиот ракометен клуб, чија стратегија уште останува истата – афирмација на најдобрите млади имиња од Македонија.

Со овие четворица играчи Алкалоид ќе добие повеќе искуство, проверен квалитет и опции за игра, а ќе биде поконкурентен за настапите во домашната Суперлига и во Европската лига.