Во второто квалификациско коло од Конференциската лига на Националната Арена ,,Тодор Проески”, силите ги одмерија екипите на Шкупи и Левски Софија. Натпреварот заврши 2:0 во корист на гостинската екипа.

Натпреварот започна во одлични услови за игра, збогатен со двете навивачки групи на трибините.

Екипата на Шкупи прва се закани после грешката на голманот, Пламен Андреев, но ударот на Валид Хамиди беше непрецизен. Во 28-мата минута после удар од аголот, Михал Пинтер биеше со глава, но Андреев имаше одлична интервенција. Само две минути подоцна брз напад на гостинската екипа, Ричардињо асистира, а Фелипе Велтон носи водство за Левски Софија. Во судиското продолжение одлична прилика имаше Реналдо Цепас, а мрежата од самата гол линија ја спаси Кристиан Димитров.

Второто полувреме започна доста помирно за разлика од првото. Нападите на Шкупи беа јалови без некоја посериозна шанса. Казната стигна во судиското продолжение кога после удар од аголот, Роналдо беше најснаодлив и ја зголеми предноста на 2:0.

До крајот на натпреварот имаше мал конфликт помеѓу двете клупи, но беше спречен посериозен инцидент.

Реванш дуелот е закажан на трети август во Софија.