Македонските претставници во европските ракометни купови денеска ќе ги дознаат своите противници.
На ждрепката што ќе започне од 11 часот, а ќе се одржи во седиштето на ЕХФ, ќе бидат вклучени пет наши екипи.
Во второто по квалитет натпреварување, ЕХФ Европската Лига, противникот во квалификациската рунда ќе го дознае Вардар.
По двогодишна пауза вардарци се враќаат на европската сцена. Како трето рангиран во Супер лигата минатата, црвено-црните ќе мора да играат во квалификациите. Можни противници се: Рајн Некар (Германија), Гранољерс (Шпанија), Брага (Португалија), Винтертур (Швајцарија) и Иштад (Шведска).
Во Европскиот Куп, кавадаречки Тиквеш ќе ја прескокне првата и ќе игра во втората квалификациска рунда.
Во женската конкуренција, Македонија ќе има три претставници. Ракометарките на Ѓорче Петров, Куманово и Чаир, ќе играат во втората рунда од квалификациите. Актуелните шампонки Ѓорчепетровки ждрепката ќе ја чекаат од првиот, а Куманово и Чаир од вториот по квалитет „шешир“.
Потсетување дека покрај овие пет тима Македонија има уште два на европската сцена. Шрвакот Еурофарм Пелистер веќе го знае распоредот на настапи во Лигата на шампионите. Додека вице-првакот Алкалоид кој ќе игра во групната фаза на Европската лига, противниците ќе ги дознае на 21 јули.
Натпреварите од квалификациите ќе се играат на 26-27 август, односно реваншите на 2-3 септември, а групната фаза ќе почне 17 октомври.
Ждрепката започнува во 11 часот и ќе може да ја следите ВО ЖИВО ОВДЕ.