Пред големото финале на Европското првенство во Скопје (Б дивизија), селекторот на Македонија, Никола Василев открива дел од тајните на успехот.
„Главната сила на оваа репрезентација е колективот, способноста да одиграме ‘сите за еден“. Одлично се движиме низ целиот овој процес, напредуваме од натпревар во натпревар, нашата игра се крева на се повисоко ниво. Тактички и физички сме добро подготвени за овој напорен турнир, ни останува уште на финалето да прикажеме уште една добра партија и да стигнеме до пехарот што го посакуваме“, изјави Василев за КФМ.
Македонија го отвори турнирот со поразот од Чешка. Сега против истата селекција може да го затвори со златен медал.
„Среќни сме за победата против Украина во полуфиналето. Но реално, немаме многу време за славје бидејќи пред нас е нов предизвик, големото финале во кое ќе атакуваме на нова победа. Клише е ако се каже дека добро се познаваме со Чесите, не само што игравме во првото коло, кое е сега далеку зад сите нас. Важеа за фаворити, го оправдаа тоа. Но и ние не сме го кажале својот последен збор“ , вели селекторот на младинската репрезентација на Македонија.
Финалето меѓу Македонија – Чешка ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 21 часот.