Јуниорската машка репрезентација на Македонија за кошаркари до 18 години, го претрпе и вториот пораз од нивните врсници од Бугарија. Избраниците на селекторот Андреј Апостолски Лечиќ, кои вчера загубија до 18 (77:59), денеска се поразени со 23 поени разлика (75:52), на вториот контролен натпревар со Бугарија одигран во Ботевград.
Во првиот период домашната селекција поведе со (21:14), ние ја добивме втората, макар и со плус 2 (13:11), но слично како и на првиот меч, имавме уште една четвртина за заборав, онаа третата во која Бугарија „побегна“ на недостижни 21 разлика (59:38).
Чолаковски со 11 поени беше единствениот македонски кошаркар кој имаше двоцифрен број на постигнати поени, па јасно е дека црвено жолтите немаа што да бараат и на овој натпревар.
Инаку овие натпревари се дел од подготовките на нашата јуниорска селекција која од 21 до 30 јули ја очекува настап во Б дивизијата на Европското Првенство што ќе се одигра во португалскиот град Матосињос.
Нашите јуниори ќе играат во А групата, во која за противници ќе ги има селекциите на: Австрија, Исланд, Велика Британија и Норвешка.