Македонската фудбалска репрезентација до 21 година славеше со 4:0 на пријателски натпревар против Малта. Избраниците на Драган Канатларовски на тренинг центарот Петар Милошевски во Скопје ги надиграа своите врсници од Малта и прикажаа одлична игра.
Првиот дел нашите репрезентативци го започнаа офанзивно и уште одма надовестија дека ја сакаат победата. Прв се закани Имран Фетаи во 7-мата минута, но неговиот удар за малку беше непрецизен.
Само 4 минути подоцна, во 10-тата минута Хамза Рамани го отвори резултатот после одличната асистенција на Илиевски. Не се чекаше долго за вториот гол, во 16-тата минута Димитар Тодоровски остана не бранет во противничкиот казнен простор и биеше прецизно за 2:0.
Вториот дел започна повторно со наша иницијатива. Андреј Стојчевски во 53-тата минута постигна прекрасен погодок од далечина и го зголеми водството на 3:0.
Веќе во 60-тата минута одличен продор на Методи Максимов, меѓутоа беше малку себичен и неговиот удар заврши покрај стативата. Следната посериозна шанса ја имавме преку Луан Абази во 72-та минута, но и неговиот удар за малку беше не прецизен. Меѓутоа Луан Абази како да беше решен да се запише во листата на стрелците и во 87-мата минута со дриблинг се ослободи од својот чувар и ја затресе противничката мрежа и го зголеми резултатот на 4:0.
До самиот крај нашата репрезентација го задржа ова водство и забележа значајна победа. Овој како и натпреварот одигран порив Ерменија беа добра можност за проверка на формата на потенцијалните репрезентативци кои во септември ќе го започнат новиот циклус на квалификации.
Филип Василевски