Покрај сениорската и младата македонска фудбалска репрезентацијата до 21 година деновиве ќе има свои активности. Избраниците на Канатларовски ќе одиграат два контролни натпревари против Ерменија и Малта во Скопје.
Во четврток (15. јуни) со почеток во 17 часот ќе ја одигра првата контролна средба против соодветната селекција на Ерменија. Пет дена подоцна (20 јуни) на програмата е вториот контролен дуел, во истото време (17 часот) против репрезентацијата на Малта. Двата натпревари ќе бидат одиграни на тренинг центарот „Петар Милошевски”, во Скопје.
Еден од нашите најдобри млади фудбалери , Методи Максимов, даде свое видување и коментар за претстојните натпревари на репрезентацијата на Македонија и моменталната форма.
„Од натпревар во натпревар играме се подобро, растеме и созреваме заедно како тим. Владее одлична атмосфера во репрезентацијата, се надевам дека до почетокот на квалификациите ќе бидеме во одлична форма и ќе се прикажеме во добро светло.
Имаме серија на одлични резултати зад нас. Имаме одличен тим, поседуваме голем квалитет и функционираме добро како колектив. Нормално е дека има простор за напредок, се стремиме од натпревар во натпревар да бидеме се подобри и поконкурентни. Сакаме да ги изненадиме противници со нашата добра и борбена игра.
Треба да веруваме максимално во нас и во нашите можности. Сите како едно треба да продолжиме да се бориме и да даваме се од себе за дресот со државен грб. Сакаме да оствариме две победи против Ерменија и Малта и на одличен начин да ги заокружиме овие подготовки и серијата на контролни мечеви“.
Инаку овие натпревари се дел од контролите што репрезентацијата на Македонија до 21 година, ќе ги одигра пред стартот на квалификациите за пласман на ЕП 2025, закажан за 8 септември со дуелот против Шведска.