Во натпреварот од 3.коло на Б групата одигран вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, македонските одбојкари ја совладаа Хрватска со 3:2.
Првиот сет избраниците на Јошко Миленковски го одиграа во фантастично темпо и од поен во поен ја зголемуваа предноста за на крајот да го добијат со осум разлика 25-17.
Во вториот се играше рамноправно до средината на сетот, кога црвено-жолтите со две мини серии во финишот направија недостижна предност од пет поени (23-18), предност што се покажа како клучна за до го приведат сетот на крај со 25-23.
Иако се надевавме на „чисти“ 3:0 сепак Хрватите не се предадоа, па следниот, трет сет го добија гостите со 25-22.
Лош старт имаа нашите одбојкари во четвртиот сет, па дури и негатива од шест поени (1-7 и 2-8). Тоа не ги поколеба избраниците на Миленковски кои по голема борба успеаја да направат и пресврт и да стигнат до три меч топки. Но, не ги искористија црвено-жолтите па „коцкестите“ го добија и тој сет со 31-29 и се изборија за решавачки петти сет.
Во решавачкиот. Не можеше без драма. Имаа 12-9 предност напите одбојкари, но ја изгубија, а не ја искористија и првата меч топка, но затоа ја искористија втората и со 16-14 го добија сетот, а со 3:2 и мечот.
Со оваа победа Македонија е второ пласирана зад Украина која вечерва славеше на гостувањето кај Белгија со 3:0.
Следува кратка пауза, до следната сабота кога Македонија ќе и гостува на Белгија во меч од четвртото коло.