Сезона 2022/2023 во мак-фудбалот ќе биде заокружена попладнево со бараж дуелите за пласман во Втората македонска фудбалска лига.

Со почеток од 17 часот ќе започнат сите три натпревари.
Во Скопје на стадионот Борис Трајковски ќе се сретнат екипите на Тетекс и Осогово, на градскиот стадион во Кичево ќе се одигра дуелот помеѓу Новаци и Вардар Неготино, додека третиот натпревар помеѓу екипите на Башкими и Влазерими ќе се одигра во Тетово.

Освен трите победници од овие натпревари, со ждрепка ќе бидат извлечени и две од поразените екипи за учество во Втора лига или на кратко кажано само една екипа ќе остане со празни раце.

Тетекс имаше тешка сезона со големи финансиски проблеми и за местото кое води во бараж се бореше грчевито до последното коло. Во ждрепката им се насмевна среќата и за противник ја добија екипата на Осогово. Екипата од Кочани иако имаше успешна сезона со само два порази и заврши пред Овче Поле со 7 бодови предност, сега има проблеми со играчкиот кадар. Во Скопје ќе допатуваат со „крпен“ состав, но нема да излезат со бело знаме.

Во Кичево силите ќе ги одмерат екипите на Новаци и Вардар Неготино. Новаци одигра одлична сезона и ја заврши со само два порази, а тоа резултираше со првата позиција пред минатогодишниот второлигаш, екипата на Кораб од Дебар. Вардар Неготино доминираше во текот на целата сезона и ја заврши со 10 бодови предност пред Питу Гули. Двете екипи се и повеќе од доволно мотивирани за повторно да бидат дел од Втората лига.

Башкими по пауза од 15 години повторно има шанса да се врати на големата сцена. Оваа сезона за нив беше доста ефикасна, а за тоа говорат нивните 101 постигнат гол. Башкими најдобрите денови ги имаше во сезоната 2004/05 кога беа освојувачи на македонскиот фудбалски куп. Во Тетово ги очекува многу тежок натпревар со Влазерими од Кичево, кој имаше доста помала конкуренција за првото место. Кичевчани успеаа да слават на сите 12 натпревари и да стигнат до овој бараж.

БАРАЖ ЗА ВТОРА ЛИГА (17 ЧАСОТ)
ТЕТЕКС – ОСОГОВО
НОВАЦИ – ВАРДАР НЕГОТИНО
БАШКИМИ – ВЛАЗЕРИМИ

Филип Василевски