Ракометарите на Еурофарм Пелистер се новите шампиони на Македонија. Ова е веќе познато од минатата сабота кога се одиграа натпреварите од претпоследното коло во Супер лигата.

Но, викендов во Битола се подготвува шампионско славје.

Последниот натпревар сезонава Натпреварот Еурофарм Пелистер ќе се одигра в сабота,  од 18:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ против Тиквеш. По натпреварот, пелистерци заслужено ќе го добијат и шампионското трофеј.

По натпреварот предвидена е и прослава на битолскиот плоштад.

За планираните настани од клубот информираат:

Билетите за натпреварот ќе се продаваат почнувајќи од петок, 26 мај, од 15:00 часот на повеќе пунктови пред спортската сала „Боро Чурлевски“. Во билетот, по цена од 250 денари, ќе биде вклучена и зелена шампионска маичка, која ќе ја добиете при купувањето на секој билет.

Ве молиме да ја понесете со себе и да ја „обоиме“ спортската сала во зелено за време на натпреварот.
Носителите на сезонски билети на посебен пункт пред салата од петок 15:00 часот ќе може да ја подигнат шампионската маичка. Ве молиме в сабота попладне најдоцна до 17:30 часот да ги заземете своето место во спортската сала „Боро Чурлевски“.

РК Еурофарм Пелистер ги повикува своите пријатели, симпатизери и навивачката група „Чкембари“ в сабота заеднички да ја прославиме шампионската титула за сезоната 2022/23.

По завршувањето на натпреварот, од 20:00 часот на плоштадот Магнолија во Битола ќе започне централната прослава за сите битолчани, во кој е е предвидена богата забавна, музичка и спортска програма.

Деталите околу ракометниот хепенинг ќе бидат објавени на денот на натпреварот.