Финалето на Купот е фудбалски празник за секоја држава, така е и за фудбалска Македонија. Во сабота на (20 мај), ќе се игра 30-тото јубилејно финале на Купот на Македонија.

На тренинг центарот “Петар Милошевски“ во Скопје (крај ФФМ) се среќаваат Македонија ЃП и Струга Трим Љум. Македонија Ѓ.П. се актуелни бранители на трофејот, а Струга Т.Љ. се новите шампиони во првенството.

Две квалитетни екипи ќе се најдат една спроти друга со свои желби и амбиции.

“Лавовите“ од Ѓорче во своето петто финале ќе одат по третиот трофеј, додека стружани сакаат да испишат историја. За првпат се во финалето и посакуваат своето деби да го крунисаат со нов триумф и да го однесат и куп пехарот во својот град и да ја завршат сезоната на фантастичен начин со двојна круна.

Со победа во финалето, екипата на Македонија Ѓ.П. ќе има европско лето во квалификациите во Лигата на Конференции, додека Струга Т.Љ. што и да направи ќе ја претставува нашата земја во квалификациите во Лигата на Шампионите. И едната и другата екипа си имаат свои адути.

Едните на своја страна го имаат тоа непроценливо искуство како клуб од играње на вакви мечеви, ова за “лавовите“ ќе биде петто финале, и тоа трето во последните четири години, додека Струга како свој адут ги има формата на тимот, и податокот дека пред неколку дена станаа шампиони во Прва МФЛ.

Квалитетот на двете екипи гарантира голем меч, неизвесност, дуел кој секако дека ќе биде супер интересен и за тоа што ќе го следат во живо, но и за оние кои ќе го гледаат преку ТВ екраните во директен пренос на МРТ.

За денес во „куќата на фудбалот“ е најавена прес конференција на тимовите, кои ќе ги искажат нивните очекувања.

Филип Василевски