Бојан Илиевски кој настапува за екипата на Македонија Ѓорче Петров не ги криеше амбициите за победа во големото финале.

Битолчанецот кој ја игра првата сезона во дресот на „лавовите“ имаше пофални зборови за противникот, но исто така укажа дека, Ѓорчепетровци оваа сезона немаат пораз од Струга Трим Лум.

„Мислам дека не очекува еден интересен, а воедно и тежок натпревар. Струга Трим Лум има квалитетна екипа, а тоа го покажаа и во првенството каде што се нови шампиони. Ние добро се припремаме за овој натпревар и добро го анализиравме противникот.
Оваа сезона немаме пораз од екипата на Струга, асе надевам дека така ќе остане и после овој натпревар.
Ова финале за нас е и шанса за излез во Европа, Струга тоа веќе го има обезбедено и притисокот паѓа повеќе на наша страна. Ова е финале, а во него ништо не се знае, можам да кажам само дека ќе дадеме се од себе за да славиме во него“, ни изјави Илиевски.

Големото финале е закажано за утре во 17 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

Филип Василевски