Денешниот натпревар од 4.коло од плеј аут лигата меѓу Струмица и Чаир 2030 не се одигра. Причината банална. Домашната екипа не се појави на теренот. Гостите од Скопје беа присутни во терминот предвиден за почеток како и судиите Мијалковски, Михајловиќ и Мелов. Неодигрувањето на натпреварот е најверојатно поради штрајк на домашните играчи, поради неисплатени средства. Струмичани ќе се преселат во понизок ранг, но лошо ќе биде ако тоа биде по административен пат поради два неодиграни натпревара.

Состојбата со кошарката во Струмица е повеќе од алармантна, особено ако се знае дека и екипата на Струмица која се натпреваруваше во Третата лига не го доигра првенството. Откако обезбедија пласман на едно од првите четири места во Трета А лига не се појавија на теренот во Тетово на дуелот со Тетекс од 1/4финалето во ова натпреварување.

Само за потсетување Струмица 2005 во 2007 година беше шампион на Македонија, а следната година играше во финалето за шампионската титула каде загуби од Фени Индустри, додека струмичката екипа Поло Трејд беше финалист во 2003 година.

Тешки мигови за кошарката во Струмица