МЗТ Скопје е првиот финалист во кошаркарскиот шампионат на Македонија. Актуелниот првак го доби и вториот дуел со вечнот ривал Работнички со 73-62 и со 2:0 во победи ја заокружи полуфиналната серија.

По израмнетата прва четвртина (18-18), во втората гостите од Аеродром ја презедоа иницијативата и со мини серија во финишот, на големата пауза заминаа со осум поени предност (42-34).

Ваквата негатива не го поколеба домаќинот да се бори до  крај. Напротив. Во третата четвртина Работнички не само што ја анулира негативата туку и го заврши периодот со +1 (54-53).

Во последната четвртина, аеродромци направија серија од 13-2, која се покажа како решавачка за конечниот исход.

Американецот, Кеандре Кук о Војдан Стојановски со по 18 поени беа најефикасни во победничката екипа, додека кај поразениот тим Малешевиќ  реализира 14 , а Џелетовиќ беше стрелец на 13  поени.

Кој ќе биде противник на МЗТ во финалната серија ќе дознаеме утре, откако во истата сала (Кале) својот втор полуфинален дуел ќе го играат ТФТ и Пелистер, а во него гостите од Битола ќе влезат со предност од 1:0 во победи.