Екипата на Ѓорче Петров две години во низа е шампион на Македонија, сепак во редовите на Вардар кој е нивни противник во полуфиналето на Купот, веруваат дека имаат доволно квалитет и мотив да се изборат за финале, а потоа и трофеј.

Сара Миновска е една од најзначајните ракометарки на Вардар. Како долгогодишен член на тимот, таа знае како да се бори на теренот и да победува.

,,Ждрепката посака да ја добиеме за противник најквалитетната екипа во лига. Ѓорче игра квалитетен ракомет. Потфрливме со нив во лига, но сепак ние сме екипа која сме подолг период заедно, сплотени сме и доволно уиграни. На последниот меч покажавме дека можеме да се носиме со нив. Нé делеше еден паметен потег за победа. Сега ни е приликата да го докажеме она што не доволно го покажаме, сепак сметам дека квалитетите ни се прилично исти. Па останува да го искористиме оној (паметен потег) кој не го искористивме претходно”, изјави Сара.

Таа е оптимистички расположена и се надева дека тимот ќе успее да се пласира во финалето и да го освои трофејот.

,,Секој спорт е за почит, меѓутоа женскиот ракомет сметам дека заслужува многу повеќе од тоа. Ние сме народ кој сака и почитува спорт. Сите знаеме како е да се игра со полни трибини, а нашиот народ го прави тоа на посебен начин. Па би ги поканила да дојдат на трибините за наша поголема мотивација, борба за победа и секако да уживаат во убавата игра”, вели Сара.

Апелот на Сара е одлична покана за сите вљубеници во спортот, посебно оние во ракометот, да го проследат овој интересен натпревар што се игра вечерва од 20 часот.

Ивона Кимовска