Ракометарите на битолски Еурофарм Пелистер се радуваат на победата над големиот ривал Вардар со 26:23 (13:12) и сега се на чекор до нова шампионска титула.

Почетокот на натпреварот беше во знакот на нападите на двата тима и одбраните воглавно немаа решение и нерешено беше до 5:5. Тогаш следуваше првата серија која ја имаа битолчани и со 4-0 се „одлепија“ на 9:5. Тоа беше моментот кога тренерот на Вардар Владо Неданоски го повлече од игра голманот Мартин Томовски и на голот застана Борко Ристовски. Тоа донесе пресврт во играта на Вардар и на полувреме битолчани имаа само гол предност 13:12.

На стартот од вториот дел Вардар изедначи и нерешено беше до 17:17 и повторно по 10-тина минути игра Еурофарм Пелистер успева да се одлепи и да поведе со 21:17 што се покажа решавачо за конечната победа. „Црвено-црните“ успеаја да се доближат на -1 (21:20), но тоа беше се на овој натпревар од актуелниот шампион, бидејќи домашниот тим предводен од петилјадната публика ја навесто победата.

На крајот со спортски поздрав двете екипи ги поздравија и навивачите, а домашната публика се радуваше бидејќи сега Е.Пелистер има 36 бодови и до крајот на шампионатот има уште два натпревара. Оваа победа значи и чекор поблиску на Е.Пелистер до нова титула прва по 2005 година.

Со по шест голови кај Е.Пелистер најефикасни беа Ненад Костески и Хосни Усама, додека кај Вардар Филип Талески постигна 6 голови. Голманите Урбан Лесјак (Е.Пелистер) и Борко Ристовски (Вардар) имаа по 9 одбрани.