Ракометарите на Вардар одбраната на трофејот во Купот на Македонија ќе ја продолжат со полуфиналната пресметка со Алкалоид. Ова е исходот од денешната ждрепка одржана во РФМ, а која „посака“ овие два тима да се сретнат пред финалето. 

Вардар според реномето и традицијата секако ја има улогата на фаворит, но на хартија, а тоа во пракса ќе треба да се спроведе на терен, бидејќи токму младиот состав на Алкалоид беше оној што го порази Вардар, па сега црвено-црните на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер во сабота, по потешкиот пат ќе мораат да ја бранат шампионската титула. 

Јасно му е тоа и на вардаровиот тренер Владо Недановски, кој со почит говори за противникот во купот.

„Секој меч е нова битка, нова приказна, нов предизвик. На крајот од сезоната нема веќе лесни натпревари. Со Алкалоид сезонава се сретнавме четирипати, и тие покажуваат дека напредуваат од меч во меч. Секој ривал го репсектираме, и така е секогаш. Знаеме дека Купот е меч во кој нема поправен. Решаваат нијаси во квалитетот. Пред нас е период на многу важни средби, и целосно сме фокусирани на овој дел од сезоната. Единствено посакувам да бидеме комплетни и здрави, и да покажеме зошто сме освојувачи на двојната круна во Македонија“, вели Недановски.

Сигурно дека поразот од Алкалоид во првенствениот натпревар во Автокоманда, ќе биде и инспирација плус за избраниците на Недановски, кој најверојатно не ќе мора да ги потсетува вардаровите ракометари дека мора да бидат мотивирани, како што тоа го направи на реваншот со Војводина во СЕХА лигата.

Алкалоид не е Манчестер, но секако е доволен мотив за ново финале.