Она што можеше да се претпостави тоа и се случува во редовите на македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром.

По изречената каза на Драган Николиќ за инцидентот на натпреварот со Кожув, раководството на аеродромци, „експресно“ се договори со популарниот Гаги да ја прекине соработката и да го именува неговиот досегашен прв помошник Васко Атанасов, за нов предводник на сино-белите.

Во објавата на официјалната веб страна на МЗТ Скопје Аеродром пишува:

„Српскиот стратег Драган Николиќ од денеска не е прв тренер на екипата на МЗТ Скопје Аеродром, откако по објавата за суспензијата од десет натпревари взаемно беше договорен прекин на меѓусебната соработка. Управата на клубот жали што дојде до ваква ситуација пред самиот крај на домашната сезона, во ситуација кога се бориме за десеттата шампионска титула во клупската историја.
Популарниот Гаги имаше долги разговори со челниците на сино-белите, во кои беше дискутирана ситуацијата околу одлуката на КФМ и во кои дојде до взаемна согласност дека ваквата разврска е најчесен чин за клубот, по што уште еднаш искажа огромна љубов и потврди дека го оставил своето срце на најдобар начин на кој сметал дека ќе донесе резултат. МЗТ Скопје Аеродром му се заблагодарува на Николиќ за сѐ што направи за време на престојот во „Јане Сандански“ и му посакува многу среќа во понатамошната кариера, со надеж дека патиштата повторно ќе ни се судрат некогаш во понатамошната иднина. Неговото место на клупата ќе го пополни досегашниот прв помошник, Васко Атанасов“.

И не беше тешко да се претпостави ваков епилог, особено не по последниот натпревар на МЗТ во АБА лигата, и прес конференцијата на која самиот Николиќ најави дека неговиот стручен штаб, е „иднината“ на македонската кошарка.

Добрите познавачи на мак-баскет приликите веќе од поодамна го најавуваа ваквиот расплет.