Во натпреварот од 31.коло на шпанската Ла Лига меѓу Рајо Ваљекано и Барселона, домаќините извојуваа изненадувачки триумф против „каталонците“ со 2:1. Рајо Ваљекано е единствената екипа во Ла Лига, по Реал Мадрид, која постигнала најмалку 2 погодоци на еден натпревар против избраниците на Чави оваа сезона.

Играчите на Андони Ираола одиграа фантастично прво полувреме, напаѓајќи ја Барселона и креирајќи одлични прилики за погодок. Во 19-та минута Алваро Гарсија го постигна првиот погодок на натпреварот и им донесе предност од 1:0 на своите соиграчи.

Брилијантната интервенција на Столе Димитриевски во 23-та минута го спречи Роберт Левандовски да постигне погодок за изедначување.

„Каталонците“ пред крајот на првото полувреме (во 43-та минута) постигнаа погодок за 1:1, но голот беше поништен поради минимален офсајд во кој се најде Роберт Левандовски.

Во вториот дел по само 9 минути игра (54-та минута), Френки де Јонг направи голема грешка која ја искористи Фран Гарсија и зголеми на 2:0. Одличната игра на Рајо ја прекина Левандовски во 83-та минута, кој намали на 1:2 и ја „уништи“ прекрасната партија на нашиот Столе. До крајот на натпреварот, Барселона даде се од себе барем да го изедначи резултатот, но Манзано ги прекина амбициите на гостите и отсвири крај за конечни 2:1.

Барса (Левандовски) го совлада Столе по три одиграни натпревари во кои македонскиот репрезентативен голман немаше примено гол во дуелите со каталонскиот гигант.