Кирил Лазаров селекторот на машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија, денеска ќе ја има првата прозивка на играчите кои се најдоа на неговиот список за претстојните натпревари со Луксембург и Турција.

Македонија ја очекуваат последните два натпревари од квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи догодина, а на кое од нашата група сигурен патник е само Португалија.

На последниот список на Лазаров се 21 ракометар, од кои само двајца интернационалци (голманот Никола Митревски и бекот Филип Кузмановски), а останатите се од домашното првенство. Меѓу нив и Филип Талевски и Гоце Георгиевски кои ги прескокнаа натпреварите со Португалија.

Собирот е попладнево (16 часот), а првиот натпревар нашите ракометари ќе го играат на гостински терен кај Луксембург на 26 април (20:15 часот), додека на 30 април во СЦ „Борис Трајковски“ од 18 часот против Турција треба да го потврдиме второто место во групата, а со тоа и новиот пласман на Европскиот шампионат догодина.