Ракометарите на Мулти Есенс го продолжија победничкиот поход во Првата лига плеј оф откако во дуелот од 12.коло во салата во Автокоманда во дербито го победија Аеродром со 28:26 (14:12) и ја постигнаа 12-та победа. Во неизвесен натпревар, во кој резултатот беше изедначен девет пати, победникот беше решен во последните две минути.

На почетокот на дуелот двете екипи се менуваа во водството, а гостите поведоа со 6:4, но набрзо повторно беше изедначен резултатот на 7:7. Во продолжението домашниот тим имаше постојано водство, а во неколку наврати и три голови разлика. Сепак играчите на тренерот Дарко Петровски изедначија на 18:18 и потоа на 19:19. Но, Мулти Есенс во вториот дел повторно дојде до + 3 (25:22). Гостите повторно успеаја да изедначат на 25:25 и потоа и на 26.26, но тоа беше се што направија бидејќи не успеаја да поведат. Во финишот избраниците на тренерот Бранислав Ангеловски постигнаа два гола што значеше и победа.

Најефикасни кај победникот беа Олег Јорданов со 9 голови и Димитар Узунчев со 8, додека во тимот на Аеродром четири играчи (Пајковски, Бошковски, Митревски и Трифуновски) постигнаа по 4 голови.

Мулти Есенс се на првото место со 36 бодови, на втората позиција е тимот на Драчево со 28, додека Аеродром е трет со 25.