Одличен натпревар на „Олд Трафорд“ одиграа екипите на Манчестер Јунајтед и Севиља, кој по возбудливиот финиш заврши без победник 2:2.
Фантастично полувреме имаше Марсел Сабитцер, кој ги постигна двата гола во дресот на Манчестер Јунајтед во 14-та и 21-та минута од натпреварот. До крајот на првиот дел, „црвените ѓаволи“ ја контролираа играта и ја задржаа предноста од 2:0, со која заминаа на одмор.
Во почетокот на второто полувреме, играчите на Ерик тен Хаг, ја одржуваа создадената предност, не оставајќи му можност на противникот да ја намали истата. Во 61-та минута, Антони имаше одлична прилика за погодок од контранапад, но само ја затресе пречката од голот на Боно.
Екипата на Мендилибар во 84-та минута, успеа да ја намали предноста. По обидот за нафрлување на Хесус Навас, несмасно реагираше Маласија и топката заврши во мрежата. Во судиското надополнување (90+3), екипата на Севиља успеа да дојде и до изедначување преку автоголот на Мегваер. Крајниот резултат во оваа „луда“ завршница беше 2:2.
Во реваншот, кој ќе се одигра следниот четврток, Манчестер Јунајтед, ќе патува по триумф во Севиља и со тоа пласман во полуфиналето
Овој викенд во лигашките натпреварувања, Манчестер Јунајтед му гостува на Нотингем Форест, а Севиља и гостува на Валенсија.
Марио Петровски