Македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром утре пред своите симпатизер во СЦ „Јане Сандански“ ќе го игра натпреварот против Задар во рамките од 24-тото коло на АБА лигата.
Аеродромци веќе немаат право на грешка. Пораз ќе значи и крај на сите надежи за опстанок во регионалната лига. Додека македонската јавност очекува конечно МЗТ Скопје да одигра онака како што се очекува од сино-белите, тренерот Николиќ, со „дипломатска“ изјава пред овој значаен натпревар.
„Играме против најпријатното изненадување сезонава во АБА, кое успеа да ја совлада силната Црвена Звезда во Белград, што ретко на кого му успеало изминативе години. Задар е феноменален во транзиција и одлично го напаѓа нискиот пост, а згора на тоа е предводен од одличниот тренер и мој голем пријател, Данијел Јусуп. На нашите кошаркари е да ги извршат обврските зададени на тренинзите неделава, а ако го сторат тоа тогаш може да се надеваме на победа во овој исклучително важен натпревар“,
вели Драган Николиќ, тренерот на МЗТ.
Дуелот на „се или ништо“ за МЗТ Скопје против Задар што на програмата е утре, ќе започне од 20 часот.