Во најнеизвесниот натпревар од синоќешната понуда во НБА лигата, екипата на Оклахома славеше победа над ЛА Клиперс на гостински терен со 101-100.

Целиот натпревар мина во израмнета игра во која ниту еден од тимовите не успеа да на прави поголема предност од 8 поени, за на крајот да решава еден шут. Него го имаше првата ѕвезда на домаќините Каваи Ленард, но неговиот обид за победа на Клиперси не помина, па Оклахома се радуваше на победата. Шај Гилџус-Александер беше најефикасниот играч во победничката екипа и на натпреварот со 31 поен, десет повеќе од Ленард на спротивната страна.

Иако требаше да биде дерби на вечерта, во кој трето рангираниот на западот Сакраменто го пречека второ пласираниот тим на истокот Бостон, сепак средбата заврши со убедлива победа на „Селтикси“ со 132-109.

Едноставно „Кингси“ немаа решение за играта на Бостон, во која Тејтум постигна 36, Браун 27, а Вајт придодаде 20 поени, па Сакраменто ќе мора да почека уште некој натпревар за да го потврди пласманот во плејофот.

Донован Мичел со 31 поен беше предводник на Кливленд во гостинската победа над Бруклин со 115-109, а победи забележаа и Орландо над Вашингтон со 122-112, Атланта над Детроит со 129-107, како и Њу Орлеанс кој го совлада Сан Антонио со убедливи 119-84.

Досега само три екипи имаат обезбедено место во разигрувањето, Милвоки и Бостон од источната, односно Денвер од западната конференција.