Вечерва ќе ги добиеме првите два патници во четвртфиналето на фудбалската Лига на шампиони. На програмата се првите реванш дуели од осминафиналната рунда.

Резултатски, но и според квалитетот на екипите, секако дека дуелот во Лондон ќе привлече поголемо внимание.
На „Стенфорд Бриџ“, Челзи ја пречекува Борусија Дортмунд која на првиот меч славеше минимално со 1-0.

Сигурно дека предноста на популарните „милионери“ не ѐ недостижна, напротив, но свесни се во таборот на „сините“ дека против себе имаат тим кој годинава има 10 победи во низа и игра одличен фудбал.

Тренерите на двата тима се соочуваат со кадровски проблеми, па што поради повреди, што поради суспензија, ќе недостасуваат повеќемина клучни фудбалери.

Кај гостите покрај стрелецот на единствениот гол од првиот меч, Карим Адејеми, ќе недостасуваат Камара, Кобел, Мален, Мукоко, Ријерсон и Мореј Бауза, додека домашниот тренер Потер, не ќе може да смета на: Канте, Менди, Тијаго Силва, Обамејанг, Бадијашил и Мадуеке, а неизвесни за настап се и англиските репрезентативци Маунт и Џејмс.

Иако вториот натпревар привлекува помало внимание, Бенфика ќе треба да ја потврди победата од гостувањето во Белгија каде го совлада Клуб Бриж со 2-0.

Сепак, германскиот стратег на кормилото на Бенфика, Роџер Шмит, смета дека нема да биде нималку лесно, бидејќи поради повреди ќе му недостасуваат Дракслер и Ристиќ, а неизвесен е и Бах. Згора на тоа внимателни мора да бидат и Флорентино, Гонсало Рамос, Жоао Марио, Отаменди, ко доколку заработат жолт картон би го прескокнале првиот меч од четвртфиналето, па затоа Шмит вели дека неговиот тим мора да одигра перфектно, ако сака пласман во следната рунда.

Кои ќе бидат првите два тима четвртфиналисти ќе дознаеме вечерва по одигрувањето на средбите чии почеток е закажан во стандардниот термин од 21 часот.