Дарио Ивановски и Дрита Ислами ќе ја претставуваат Македонија на 37.то Европско првенство во атлетика во сала што вечерва почна во Истанбул. На шампионатот настапуваат 593 спортисти од 47 држави.
Прва на стартот ќе се појави Дрита Ислами, која утре (петок) на првиот ден од шампионатот ќе трча во квалификациите на трката од 400 метри. Ислами (членка на АК Работнички) на шампионатот е пријавена со резултат 55.84 секунди што е нејзин најдобар резултат и македонски рекорд. Квалификациите во оваа дисциплина стартуваат во 8.40 часот по македонско време (10.40 часот локално време), македонската атлетичарка ќе трча во првата група. Пласман во полуфиналето ќе изборат двете првопласирани од петте групи и двете најбрзи според време.
Дарио Ивановски (член на АК Корранерс) ќе трча во квалификациите на 3.000 метри и на шампионатот е пријавен со резултат 7:59.51 минути. Тој својот настап ќе го има во сабота наутро во 8 часот по македонско време (10 часот по локално време).