По само дво-дневни (мини) подготовки, женската ракометна сениорска репрезентација на Македонија денес патува за Анкара.

Во рамките од ЕХФ неделата, нашите ракометарки ќе одигра два контролни, пријателски, натпревари против репрезентацијата на Турција, што треба да послужат за воигрување на репрезентацијата пред важните бараш мундијалски натпревари со Украина.

Од поширокиот список на селекторот Љубомир Савевски на кој се најдоа 18 ракометарки, отпаднаа четири ракометарки, а од останатите најголемиот дел се до домашното првенство.

„Во Анкара ќе играме некомплетни. Елена Ѓорѓиевска полека се рехабилитира од повредата, но нема да ризикуваме, Моника Јанеска има натпревар во ЕХФ-купот, Леонида Гичевска има, исто така, клупски обврски, а како што знаеме Симона Стојковска ја скрши ногата, што значи четири квалитетни ракометарки ќе бидат отсутни. Но, тука се искусните интернационалки Сара Ристовска, Јована Саздовска, Сања Дабевска, Јована Кипријанова и двете голманки, Јована Мицевска и Драгана Петковска, а другите се млади ракометарки од домашните клубови, со кои и претходно сме работеле во Скопје. Атмосферата во репрезентацијата е добра, а овие средби ќе ги искористиме да испробаме некои замислени варијанти, што добро би ни дошле пред баражот што нѐ очекува со репрезентацијата на Украина во април“, изјави селекторот Савевски.

Натпреварите против Турција ќе се играат на 2 и 4 март (четврток и сабота) со почеток од 17 часот.

Бараж дуелите против Украина за пласман на Светското првенство што годинава ќе се одрќи во Данска, Норвешка и во Шведска, на програмата се на 8 април во Скопје и 11 април во унгарскиот град Кишварда.

ФОТО: Ракометна Федерација на Македонија (официјална Фејсбук страна)