Лидерот на табелата во Првата македонска фудбалска лига, екипата на Струга Трим Лум, ја прекина соработката со досегашниот тренер Срѓан Захариевски, стои во објавата на клубот на нивната официјална Фејсбук страна.

Благодариме Срѓан Захариевски ! Завршува соработката со тренерот кој не издигна на високи нивоа. Ја известуваме јавноста, навивачите и љубителите на фудбалот, дека ја прекинуваме соработката со Срѓан Захариевски. Одлуката на клупското раководство беше коректно соопштена на шефот на стручниот штаб и прифатена како таква. Со тренерот од Крива Паланка, Фк Струга Трим Лум помина скоро 3 спортски сезони. Најголемиот успех го постигнавме во 2021 каде успеавме да играме во Европа ( Конференциска лига)“, стои во соопштението.

Ваквата одлука на стружани доаѓа по неочекуваниот старт на пролетниот дел од сезоната во кој Струга ТЛ одигра нерешено со Тиквеш и Македонија Ѓ.П., надоврзувајќи се на нерешениот исход со Скопје, на крајот од есенскиот дел, по што од можни 9 освои само 3 бода.

Кој ќе биде наследник на Захариевски останува да се види, во периодот што следува, а тој не е голем, иако Струга ТЛ во следното првенствено коло закажано за претстојниот викенд е слободна, но веќе на 8 март (следната среда) ја очекува дуелот со директниот конкурент за титулата и актуелен шампион Шкупи.