По нешто повеќе од два месеци пауза конечно продолжува фудбалската сезона во во домашното македонско првенство.  Први на терените ширум државата ќе излезат второлигашите кои ќе ги играат средбите од 16-тото коло.

Во трката за првите позиции се Гостивар со 37 бодови, еден повеќе од Вардар (36), а зад нив се Воска (34) и Пелистер (30). Меѓу овие екипи ќе се води жестока битка за позицијата која води во прволигашката конкуренција.

Вардарци иако со сериозни проблеми и неколку промени во составот подоцна ги започнаа подготовките, сепак се надеваат дека конечно црвено-црните ќе се вратат онаму каде што припаѓаат во Првата лига.

“Без оглед на состојбата во клубот со која се соочуваме периодов, подготвени и мотивирани го дочекуваме почетокот на вториот дел од првенството во ВМФЛ и натпреварот против Арсими утре од 14 часот. Максимално верувам во квалитетот и карактерот на овие момци и убеден сум дека и покрај сите проблеми со кои се среќаваме ќе бидеме фокусирани и желни да успееме во својата цел која останува непроменета, да го вратиме најтрофејниот клуб во Македонија таму каде што припаѓа. Сочуван е голем дел од екипата и квалитетно засилен на одредени позиции. Почнувајќи од утрешниот натпревар секој следен ќе биде финале за нас, и токму на таков начин ќе пристапуваме кон секој предизвик. Сите играчи се здрави и во комбинација за натпреварот, со исклучок на Дарко Размоски кој одработува суспензија поради картони. Ги поканувам сите навивачи на Вардар во што поголем број да дојдат утре од 14 часот на стадионот во Автокоманда и да ги поддржат овие момци, со нашите Комити зад нас не постои цел која не можеме да ја оствариме, а ние ќе се оддолжиме со пристап на теренот достоен за најтрофејниот клуб во државата”,
вели Бобан Грнчаров, шеф на стручен штаб на ФК Вардар.

Вардар „пролетниот“ дел ќе го започне на „домашен“ терен на стадионот на „Железарница“ во Автокоманда, а противник ќе и биде екипата на Аресими. Натпреварот ќе започне од 14 часот.

Во истиот термин ќе се играат и останатите средби, а двојките се:
ПЕЛИСТЕР – КОЖУФ ГЕВГЕЛИЈА
ТЕТЕКС – ОХРИД ЛИХНИДОС
БЕЛАСИЦА – ДЕТОНИТ ПЛАЧКОВИЦА
СЛОГА – БОРЕЦ
ВОСКА СПОРТ – КАРАОРМАН
ГОСТИВАР – ПЕХЧЕВО Скопје
БЕСА – КАМЕНИЦА САСА