Во натпревар со неизвесна завршница ГРК Тиквеш и Алкалоид одиграа нерешено 31:31 во дербито на првото коло од Супер лигата.

Голот за изедначување го постигна Страхиња Симиќ на неколку секунди до крај, а потоа шутот од центар на празен гол од Никола Маркоски заврши во пречката. Нерешениот резултат е реален исход на дуелот.

На ова претходеше возбудливо прво полувреме во кое домашниот тим влезе многу мотивиран и водеше во речиси целиот тек на првите 30 минути. Највисокото водство беше во 24.минута – 15:11, но Алкалоид со серија од 5-1 изедначи на крајот од првиот дел.

Во второто полувреме Алкалоид го имаше водството, а во 39.минута беше 21:18. Но, избраниците на Данило Брестовац не се откажаа. Во 45.минута имаше и мешаница откако Петковски го погоди во главата домашниот голман Велков. Судиите Кркачев и Колевски со делегатот Камишевски досудија две минути исклучување за Петковски, потоа заради меѓусебно туркање две минути добија Симиќ (Тиквеш) и Петров (Алкалоид), а потоа и двете клупи (Тиквеш и Алкалоид) поради влегување на терен.

Возбудувањата во последните пет минути почнаа откако при резултат 27:28 голманот на Алкалоид Галевски одбрани седмерец на Симиќ. На другата страна Велков го одбрани ударот на Ѓорѓиев, а потоа и голманот Трајковски беше сигурен. Репрезентативецот Џонов постигна два гола, а Кондев двапати беше прецизен од центар на празен гол и на 20-тина секунди пред крајот тимот на Кирил Лазаров водеше со 31:30.

Во таа ситуација домашните играа пресинг, а Џонов погреши и Тиквеш ја доби топката. По тајм аутот на Брестовац Симиќ постигна гол за изедначување.

Симиќ со 9 голови беше најефикасен на дуелот, а кај Алкалиод Џонов постигна 6.

Последниот натпревар од 1.коло меѓу Вардар и Пролет се игра утре од 18 часот.

На денешниот натпревар од Плеј аут лигата Прилеп го совлада Радовиш со 38:32.