Најдобрите македонски, па и светски, ракометни судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои неодамна го комплетираа својот „хет-трик“ со делењето на правдата на финалето на Светското првенство, со што станаа едни од ретките судиски тандеми кои биле арбитри на финалните средби на трите најголеми натпреварувања, (ОИ, СП и ЕП), денеска добија ново признание.

Николов и Начевски „симболично“ се прогласени за „Почесни граѓани“ на Општина Кисела Вода.

Голема е честа да се биде во друштво со најдобрата светска судиска двојка.
Оваа судиска двојка зад себе има голем број на интернационални признанија и се надевам дека успешно ќе го продолжат континуитетот на големите натпреварувања. Од мое лично и од име на жителите на општина Кисела Вода сакам да им честитам и да им се заблагодарам што достојно го веат македонското знаме секаде каде што судат.
Статуетката во форма на клуч која денес им ја доделив има симболично значење. Неа им ја доделуваме на нашите почесни граѓани, а тој епитет Николов и Начевски одамна го заслужија.
Славе Николов е сѐ уште жител, а Ѓорѓи Начевски е пораснат во општина Кисела Вода и секогаш со гордост го истакнува тој факт.
Благодарен сум и за прекрасниот подарок, дресот потпишан со нивните имиња.
Клучот ја симболизира и поддршката од наша страна, на која овие ракометни судии можат секогаш да сметаат“, вели  Орце Ѓорѓиевски, Градоначалникот на Општина Кисела Вода.

Инаку Општина Кисела Вода во континуитет дава поддршка на локалните спортисти.
Минатата седмица заврши рокот на кој спортските клубови, спортските здруженија и спортските манифестации аплицираа за материјална поддршка.

Во тек е процесот на евалуација, по што ќе се објави листата на апликантите кои добиле субвенција од локалната самоуправа.